Според Иванов, платформата е пречка само за СДСМ, а не и за ВМРО ДПМНЕ
Според изјавата на Иванов, а во контекст на досега кажаното, платформата на албанските партии звучи малку како Шродингерова платформа – таа истовремено е и пречка за доделување мандат, доколку албанските партии се во коалиција со СДСМ, и не е пречка за доделување мандат, доколку албанските партии се во коалиција во ВМРО-ДПМНЕ.
Три работи во врска со изјавата се особено загрижувачки.
Едната е тоа што Претседателот, можеби неизненадувачки, но сепак деструктивно, отвора простор за продолжување на разноразни теории на заговор – од кого бил повикот, кој и како сака да ја „уништи“ Македонија овојпат.
Другата е тоа што Иванов ја продолжува реториката на делегитимирање на Заев со тоа што вели дека ги загубил изборите иако и самиот се повикува на член 90 од Уставот, којшто во врска со мандатот воопшто не ја споменува партијата со најголем број пратеници, туку единствено партијата/ите кои имаат поддршка од повеќе или најмалку 61 пратеник.
И третата, можеби најважна, е што наместо да укаже на конкретните аспекти од платформата кои се проблематични, а се дел од предлог владината програма и да предложи можни начини за излез од кризата во која се наоѓаме, Иванов ја користи приликата да впери прст и ги обвини сите освен себеси, секако, за тековната состојба вели за Фактор Елена Б.Ставревска, Докторант по политички науки и истражувач во областа на мировните студии на Централноевроспкиот универзитет во Будимпешта .
