Според „Дуинг бизнис“ Македонија е на 11 место, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека воделе успешни политики
Македонија е рангирана на 11-тo место во светот од вкупно 190 рангирани економии во новиот извештај „Дуинг бизнис“ на Светска банка, со вкупно 81.18 бодови.
Во новиот извештај земјава останува на 5-то место во Европа, веднаш зад Данска, Обединето Кралство, Норвешка и Шведска.
Како што стои во извештајот, земјава имплементирала 41 реформа, исто како и Казахстан, а Грузија со 47 има најмногу реформи во изминатите 15 години.
Повеќе фактори и политики влијаат врз квалитетот на бизнис климата во една економија и конкуретноста, кои не се опфатени со „Дуинг Бизнис“, со цел земјата да ја достигне посакуваната цел за стабилни придобивки од продуктивноста и да привлече повеќе инвестиции.
Во претходниот извештај, Македонија беше рангирана на 10-та позиција со вкупно 81.74 поени.
Славче Трпески, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, се пофали денеска дека и годинава, благодарение на успешните политики на неговата партија, Македонија е високо рангирана во годишниот извештај на „Дуинг бизнис“.
„Новата влада треба да ги следи стапките на владата која ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ и да продолжи со стимулативно-активни мерки кои ги поедноставуваат и забрзуваат процедурите, но и истовремено да промовираат стабилна бизнис околина со ниски даноци. Ако по утрото денот се познава денешното ново задолжување од 71 милион евра или севкупно задолжување од над 600 милиони евра за само пет месеци ќе допринесе ваквата успешна економска приказна наскоро да стане минато“- вели Трпески.
Успешните економски политики на ВМРО-ДПМНЕ во изминативе 10 години и јасната стратегија за раст и развој на Република Македонија се чувствуваат и во последната година од техничката влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, додава тој.
