СПИСОЦИТЕ ВЕЌЕ ГИ ПРАВАТ: Независниот синдикат на полицијата во преговори за вакцинација во Србија, би се вакцинирале на повеќе пунктови
Во соработка со
српските колеги од неколку полициски синдикати, Независниот синдикат на полицијата во Македонија, предводен од Гоце Делчев преговара да се овозможи
вакцинација против Ковид 19 на полицајците и вработените во повеќе полициски служби на неколку
пункта кај нашиот северен сосед. Истовремено, преговорите течат и во насока да
се обезбеди и дополнителна донација на вакцини од Србија, кои ќе бидат наменети
пред се за вработените во судската, затворската и шумската полиција.
Во разговор за Фактор, претседателот на Независниот синдикат на полицијата, Гоце Делчев изјави дека само во текот на вчерашниот ден се пријавиле 33 нивни колеги кои сакаат да бидат вакцинирани на некои од српските пунктови за имунизација против Ковид-19.
-Секако гледаме да им дадеме предност на колегите кои имаат некое хронично заболување. Тоа е наш приоритет, а по нив на списокот да влезат колеги кои работат на граничните премини, прво од граничната полиција со Србија, па Косово, а потоа Грција, Албанија и на крај Бугарија. Во однос на списоците, потоа би требало да бидат колегите од ЕБР, инспекторите од илегалната миграција, па потоа од Сообраќајната полиција, односно од СВР Скопје, СВР Куманово, СВР Тетово како и од останатите градови. На крај би биле вработените во администрацијата во полициските служби, вели Делчев за Фактор.
Истовремено информира дека преговорите ги прават со неколку полициски синдикати во Србија, од кои со гранковиот „Независност“ договараат вакцинација на вработените во управните служби, односно оние кои работат на издавање на пасоши, лични карти и друга документација, бидејќи се во постојан контакт со многу граѓани.
-Со нашите колеги од полицискиот синсикат „Независност“ од Србија преговараме и за вакцинација на полицајците од судската и затворската полиција. Се уште чекаме конкретен одговор и од Министерството за здравство, како и од Министерството за внтарешни работи на Србија кога ова би можело да се реализира. Но, за да не се оптоварува само еден пункт за вакцинација, ние разговаравме тоа да биде организиран и во Прешево, Бујановац, Врање, Лесковац, како и во Ниш.
Инаку, Независниот синдикат на полицијата соопшти дека за вакниција во соседна Србија може да се пријават сите кои сакаат да се заштитат од корона вирусот и воопшто не мора да се нивни членови.
-Вакцинацијата првенствено на членовите, но и на останатите вработени од организационите единици со најголем ризик кои доброволно ќе се пријават, ќе се одвива во Р. Србија по претходно изготвен план од работно тело кое ќе го формира Синдикатот и за кое дополнително ќе Ве известиме“, велат од Независниот синдикат на полицијата.
Претседателот на Комисијата за меѓународна сотаботка и информирање пак, Горан Вујиќ, во разговор за Фактор истакна дека со нивните српски колеги преговараат и за уште една донација на вакцини и ваквата активност е со цел да се помогне на нашите здравствени власти, додека стигне вакцината во Македонија, дел од оние кои се најризични групи веќе да бидат вакцинирани.
-Идејата е да успееме во нашите преговори и за уште некоја пратка донација на вакцини, па без да се изложуваме на дополнителен рисик, како што е патувањето, да бидеме вакцинирани во некои од нашите вакцинални пунктови. Важно е да се обезбеди вистинска заштита од вирусот , пред се на нашите колеги кои се хронични болни, но и на сите оние кои доброволно ќе се пријават за вакцинација. Инаку, нашата соработка со полициските синдикати од Србија е континуирана. Некои од нив кои веќе ја прележаа болеста, доброволно се пријавија и во ГОБ „8 Септември“ донираа ковалесцентна плазма. И јас ја прележав болеста, па потоа и јас бев во Србија каде што донирав крвна плазма за лекување на болните од Ковид-19. Ова е период кога навистина мора вака да дејствуваме ако сакаме да го победиме вирусот, вели Вујиќ за Фактор.
Инаку, Независниот синдикат на полицијата брои вкупно 4.150 члена и тоа 3.000 од МВР, 600 од граничната полиција, 400 од шумската полиција и 150 од затворската полиција.
Анита Буховски
