Спикерот Џафери го дискриминирал Димитар Апасиев
Собранискиот спикер Талат Џафери директно го дискриминирал лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди дека претседателот на Собранието Џафери извршил директна дискриминација врз пратеникот, кој беше иницијатор на граѓанска иницијатива на државно ниво за собирање потписи за распишување дополнителен референдум за собраниските заклучоци од т.н. „француски предлог“.
Комисијата оцени дека Апасиев бил ограничен во остварување на своето политичко право, односно со него се постапувало понеповолно во однос на други лица кои се јавуваат во исто својство, како подносители на граѓански иницијативи.
„Подносителот на претставката тврди дека врз него е сторена дискриминација со тоа што бил ставен во понеповолна положба од останатите граѓани од страна на Џафери во рамки на постапка по предлог барање за поведување на граѓанска иницијатива за собирање потписи од најмалку 150.000 избирачи за распишување на задолжителен дополнителен референдум на државно ниво на целата тероторија на Републиката до Собранието“, пишува во образложението на Комисијата.
Таа препорачува Џафери во иднина да се воздржи од дискриминација и да ги почитува правата и обврските што произлегуваат од Уставот, Деловникот за работа на Собранието и Законот за Собрание.
Апасиев документот го објави на социјалните мрежи.