Специјалците добиле наредба после 20 часот да ги евакуираат пратениците
Специјалните единици после 20 часот добиле наредба од директорот на БЈБ да ги евакуираат пратениците кои се најдоа на удар на толпа демонстранти кои упаднаа во Парламентот по изборот на нов собраниски претседател.
Од МВР се огласија и соопштија дека граѓаните кои протестираа во организација на граѓанската инцијатива „За заедничка Македонија“, насилно влегоа во просториите на Собранието на Република Македонија при што го нарушиле јавниот ред и мир и повредиле неколку пратеници во Собранието и неколку цивили.
Повредени се и 10-тина полициски службеници кои се наоѓаат на скопските клиники.
Од МВР информираа дека во оперативниот штаб на Министерството за внатрешни работи присутни се сите раководители: Министерот за внатрешни работи д-р Агим Нухиу, Директорот на Бирото за јавна безбедност м-р Митко Чавков, Заменик Директорот на Бирото за јавна безбедност г-дин Бесир Деари, Помошници на министерот, Помошници на директорот како и останатите раководители-членови на Оперативниот штаб.
Оттаму велат дека во 20:08 часот - Директорот на Бирото за јавна безбедност м-р Митко Чавков издал наредба припадниците на специјалната единица да применат овластување и да создадат услови за безбедна евакуација на пратениците и воспоставување на нарушениот јавен ред и мир додека во 20:27 часот припадниците на специјалната единица влегоа во Собранието на Република Македонија и до 20:43 часот евакуирани се 30 пратеници.
Од МВР потенцираат дека и понатаму се преземаат мерки во Собранието.
Министерството за внатрешни работи на Република Македонија дополнително ќе ја извести јавноста за натамошните случувања.
