Спасовски знае, ама не кажува кои ќе бидат новите челници на УБК и БЈБ
Само министерот Спасовски засега знае кои ќе бидат новите директори на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и на Бирото за јавна безбедност (БЈБ).
Сепак, имињата на новите челници кои ќе го земат кормилото на овие две познати контроверзни институции ќе се држат во тајност се додека не дојде ред да се одлучува за ова прашање на владина седница. Фактор дознава дека за денес во 17 часот е закажана седница на Влада на која е можно да се реши ова прашање.
Министерот за внатрешни работи нема да ги каже неговите фаворити се до седницата на влада на која треба да ги предложи имињата и да добие поддршка.
Ова денеска го потврди министерот Спасовски, на прес-конференцијата по повод потпишувањето договор за донација од повеќе од еден милион евра со амбасадорот на Чешка во Македонија, Мирослав Рамеш.
„Имам донесено одлука и ќе ја доставам на седница на влада кога ќе мислам дека треба да бидат избрани“, посочи Спасовски.
Со УБК сеуште раководи Владимир Атанасовски, додека разрешување го чека и Митко Чавков.
