Спасовски за бегството на Игор Спасов: Овој систем можеби е корумпиран
Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи, денеска пред новинарите рече дека одговорноста за бегството на Игор Спасов, полицаецот кој го уби Мартин нешковски на скопскиот плоштад, рече дека одговорноста треба да се бара во онбинителството и судството и дека спрегата во тој систем можеби, како што вели тој, е корумпурана.
Според Спасовски, клучен треба да биде одговорот од обвинителот и судијата врз основа на кои проценки е дозволено да му се направи прекин со судска одлука на издржувањето на казна затвор, додека се уште се истражува каде и на кој начин ја напуштил Македонија. Тој истакна оти многу поважно е да се види и конечно да се реши проблемот на нефункционалност на системот, бидејќи за таквите прекини на издржувањето на казната затвор се известуваат Агенцијата за извршување санкции и Казнено – поправните установи, додека како што вели тој, МВР не добива такви информации.
– Сите разговараме за тоа како сега ќе го решиме проблемот откако тој ја напуштил државата. Прашањето е клучно и за тоа мора да се сноси одговорност, мора да одговори и обвинителот и судијата врз основа на кои проценки е дозволено да му се направи прекин со судска одлука на издржувањето на казна затвор. Ние дознаваме во моментот кога тие бараат да го пронајдеме.Тоа покажува колку овој систем е нефункционален, па би рекол можеби и корумпиран, затоа што јас незнам од кој аспект се цени одлуката и тоа како предлог што се дава одредена личност да биде пуштена на прекин на казна, подвлече Спасовски.
Тој вели дека не може еден ден да ги апси МВР, да спроведува истраги, да води предистражни постапки, за „утредента да ги видиме на слобода заради тоа што некој судија или обвинител одлучил на таков начин“
- Разбирам дека притворот не смее да биде казна, разбирам дека постојат низа мерки на индиции кои може да се изрекуваат, меѓутоа мора да биде во остварувањето на интересот на државата и на граѓаните. За вакви случаи Јавниот обвинител треба да подигне истрага против некој судија и против некој обвинител и да се докаже што е поврзаност во однос на ваквите случаи. Дали има врска помеѓу оној што е осуден, помеѓу лекарите кои тоа го прават, дали има врска помеѓу обвинителот и судијата итн… Конечно ваквите работи мора да се расчистуваат ако сакаме навистина да имаме држава што ќе ги остварува првичните интереси, а тоа е да имаме правда во државата, рече министерот Спасовски.
