СПАСОВСКИ ЗА АПСЕЊЕТО: Криминална група набавувала кокаин од Латинска Америка, а вршела и убиства
Криминална група набавувала кокаин од Латинска Америка, а вршела и убиства во Скопје. Ова попладнево го соопшти министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
„Под раководство на Обвинителство, лишени се од слобода лица за кои постои сомнение дека биле инволвирани во набавка на кокаин и вршење на тешки кривични дела – убиства. Повеќемесечната истрага придонесе да се обезбедат доволно докази против пријавениот Ш.М. (47) од село Грчец, кој заедно со сега починатите О.Б. и Ј.К. организирале криминална група. Била формирана со цел вршење убиства од користољубие“, вели Спасовски.
Тој напомена дека „оваа криминална група која делувала на меѓународно ниво набавувала кокаин од Еквадор, Перу, Бразил и Боливија. Плановите и договорите ги правела преку непосредни контакти. Од досега спроведените мерки е документирано дека оваа група организирала две набавки на кокаин до земјите од ЕУ и Македонија. 435 килограми кокаин набавен од Бразил и транспортиран до пристаништето во Антверпен, Белгија.
„Групата организирала и неколку транспорти на дрога од Белгија и Албанија во С. Македонија. Припадниците на оваа група се стекнале со значителни финансиски средства кои ги инвестирале во луксузни куќи, угостителски објекти, кои се предмет на конфискација. Организаторот на групата Ш.М. заедно со членовите организирале обид за убиство на лице од село Бардовци, убиство на албански државјанин чие тело беше најдено во село Горна Матка, како и двојно убиство случено на 5 март 2021 година во Скопје“, вели Спасовски.
Дел од наведената количина дрога требало да заврши и на пазарот во Македонија.