Спасовски вели дека предложениот закон за државјанство е неразбирлив
Mинистерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вели дека законот за државјанство предложен во Собранието од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, е неразбирлив во врска со тоа што сака да се постигне со истиот.
Мислењето на МВР кое пред неколку дена беше доставено до Владата, според Спасовски, во основа има државен интерес. Спасовски денеска предлогот го оцени како „политички памфлет“. Инаку со предложените измени, наместо најмалку осум, услов за стекнување на државјанство ќе се исполнува со престој на странци од најмалку четири години. Се предлага и државјанство да се добие со тројца сведоци кои ќе потврдат дека лицето живеело во Македонија пред независноста, а може и со еден сведок ако тоа било или се уште е жител на местото на барателот. Еден од новите услови е наместо познавање на македонскиот јазик како што е сега – да се дефинира како “познавање на најмалку еден од службените јазици во државата”.
Претходно, од Демократски сојуз реагираа дека ваков закон може да предизвика тензии во државата и штетни последици.
