Спасовски: Работиме на тоа кривичните пријави за лажните бомби да бидат „квалитетни“
Иако помина еден месец досега откако ги најави, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска рече дека се уште се работи на комплетирањето на кривичните пријави за група македонски државјани што треба да одговараат за лажните дојави за бомби во училиштата и други објекти.
На крајот на минатиот месец Спасовски рече дека е лоцирана група на лица коишто учествувале во праќањето на дојавите по електронски пат и токму користењето на VPN адреси и дека таа група ќе биде комплетно разоткриена, со што ќе бидат поднесени кривични пријави за делото тероризам.
- Во моментов се работи на вештачење на материјалите и на обезбедувањето на доказите за да можат да бидат поднесени кривичните пријави. Така што, еден дел од тие активности поврзани со дојавите з алажни бомби ќе биде расчистен и затворен, изјави денеска Спасовски како одговор на новинарско прашање.
За детали, министерот рече дека ќе ги има кога ќе заврши обезбедувањето на доказите, односно вештачењето, и поднесувањето на кривичните пријави.
- Многу е важно да имате квалитетно завршена работа и тоа што ќе го поднесете да биде поддржано со докази, додаде Спасовски.Тој истакна дека добар дел од овие кривични пријави ќе опфатат случаи за лажни пријави во периодот јануари, кога дојавите беа најинтензивни.
