Спасовски почна со ветингот во МВР, ВМРО-ДПМНЕ: Професионалците да побараат правна заштита
Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи, го започна „ветинг“ процесот во МВР со кој ќе се проверува стручното образование, интегритет, имотната состојба и евентуални криминални активности од одредени структури кај полицајците. Веднаш од опозициската ВМРО-ДПМНЕ излегоа со реакција на прес-конференција и соопштија дека 24 припадници веќе се принудени да прифатат деградирање во хиерархијата.
– Постојат и многу луѓе кои имаат поголем имот од повеќе бизнисмени кои долги години се занимаваат со бизнис. Токму заради тоа ветинг процесот бара да ги утврди овие факти, изјави меѓу другото министерот Спасовски.
Од ВМРО ДМНЕ реагираат дека Спасовски прави чистка во МВР и го третира министерството како партиски огранок.
„Во 2017 бројот на тужби од припадници на МВР е 1.200, а само во првите неколку месеци во 2019 е 3.500, поднесени од една третина од вработените на МВР. Колкава ќе биде штетата по буџетот поради личните хирови на Спасовски. Час поскоро Спасовски да биде сменет, а засегнатите професионалци ги охрабруваме да побараат правна заштита, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.
