Спасовски: Нема застој во издавањето лични документи, граѓаните заборавиле да ги обноват во пандемијата
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Берово, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека нема застој застој во издавање на лични документи (лични карти, патни исправи, возачки дозволи и друго), туку дека тоа се должи на големиот бран на странки кои побарале продолжување на важноста, а не го сториле тоа за време на пандемијата.
„Лични документи се издаваат и сега. Едноставно имаше зголемен обем на побарувачка, заради познатата ковид ситуација. Многу од луѓето не виделе дека им истекуваат личните документи. Имаме најава дека од денеска, од 21.00 часот ќе имаме миграција на податоци во новиот систем за издавање документи. Тоа е процедура која што мораме да ја завршиме, бидејќи на тоа не обврзуваат и законите и Уставот и од понеделник повторно започнуваме со нормално функционирање.
Застој ќе има четврток и петок. Јас само апелирам да има трпение кај граѓаните. Значи до сега немаше застој, а застој ќе има од вечерва поради миграцијата на податоци“, рече Спасовски денеска во Берово.
Инаку Народниот правобранител денеска соопшти дека ќе ги испита евентуалните пропусти во работењето на надлежните служби во МВР, за тоа кои би биле причина за прекините во издавањето на документите на граѓаните. Омбудсманот смета дека надлежното Министерство требало да предвиди дека со отварањето на границите ќе има голем број на заинтересирани граѓани за обновување на документите и следствено на тоа да го прилагоди работењето.
– Менувањето на системот или неговата надградба во период кога очекувано е да има зголемен прилив на барања за издавање на документи е несоодветно и претставува повреда на правата на граѓаните, поради што народниот правобранител по сопствена иницијатива ќе ги испита евентуални пропусти во работењето на надлежните служби во Министерството за внатрешни работи, кои би биле причина за прекините во издавањето на документите на граѓаните. Истовремено, народниот правобранител бара Министерството за внатрешни работи во делокруг на своето работење да испита зошто граѓаните се доведени во ваква ситуација и да утврди одговорност за евентуалниот пропуст на службите, се вели во соопштението од народниот правобранител.
