Спасовски: Не знам кој е ефектот од Законот за амнестија?
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денес претпладне во утринската емисија „Здраво Македонијо“ на Канал 5 рече дека не е сигурен во тоа каков ефект ќе се постигне со Законот за амнестија.
„Кој би бил ефектот од Зкаон за амнестија ако, според проценките на Агенцијата за извршување на санкции, 260 луѓе ќе добијат амнестија, а имаме во моментов околу 2.400 на издржување на казна и околу 2.000 кои чекаат да бидат спроведени во затворскиот систем“, рече Спасовски.
Спасовски рече дека нема криза во владата иако имаат различни гледишта со премиерот за законот. Според Спасовски станува збор за различни ставови на носителите на власта, потенцирајќи дека решението треба да се бара во зголемување на капацитетите во затворите.
Претседателот на владата Ковачевски кој се залага за законот за амнестија најави амандманска интервенција со цел амнестијата да не важи за „Монструм“, делото за кое е осуден двоецот Азири.