Спасовски: Не очекувајте дека истрагите за убиства ќе ги водиме преку медиуми
МВР не е безбедноста во државата сама по себе, МВР и безбедноста во државата сме сите ние. И граѓаните и другите институции треба да преземат мерки од сопствената надлежност ако сакаме да бидеме ефикасни.
Ова е пораката од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, што ја упати денеска по примопредавањето на донацијата од возила и опрема за МВР од Федералната полиција на Германија, како одговор на новинарско прашање за безбедноста на граѓаните по се зачестените убиства што се случуваат.
Тој информираше дека во 2018 година се случиле 18 убиста, од кои само едно не е расчистено.
– Апелирам да не очекувате дека истрагите ќе ги водиме преку медиуми. Вие ќе ги поставите камерите, а јас ќе ги соопштам сите детали, иако знам дека тоа е многу интересно. Тоа од мене не го очекувајте. Кога ќе имаме конкретни информации, ние ги споделуваме со јавноста, рече Спасовски.
На прашањето колкав е временскиот период што му треба на МВР да излезе со детали за одредена истрага за расчистување на убиство, конкретно за убиството на „Рузвелтова“, Спасовски потенцира дека водењето на истрагите ќе заврши кога ќе завршат сите дејствија.
