Спасовски: Не ни треба милитаризација на МВР, предлогот за Ковачки е надвор од Уставот
Оливер Спасовски, кој од трети јануари ќе биде технички премиер, вели дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за Драган Ковачки да биде министер за внатрешни, е надвор од Уставот. Тој смета дека милитаризација на МВР не е добра за демократско општество.
„Да го почитуваме Уставот, тој да биде пред се и над се. Милитаризација на МВР не е потребна во едно демократско општество. Ако гледате што значеше милитаризацијата на времето, доаѓањето на Горан Груевски во МВР, ќе ве потсети на огромното прислушување и нарушување на човековите права и слободи. Јас не сакам да прејудицирам, не сакам да зборувам за човекот било што друго, туку едноставно ова е предлог што е надвор од Уставот“, рече Спасовски.
А опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува на својот став дека Драган Ковачки е најдоброто решение за технички министер за внатрешни работи во новата преодна Влада која треба да почне да функционира од трети јануари.
Тие сметаат дека толкувањето на Уставот од страна на СДСМ, партијата го прави парцијално, а не го гледа членот 23 од Уставот.
„СДСМ сака да избега од изборите и се плаши од професионализмот. Ние им порачуваме дека кога го толкуваат Уставот, да не го гледаат само парцијално, туку да го погледнат и членот 23 од Уставот“, велат за Фактор од најголемата опозициска партија.
А во членот 23 од Уставот се нагласува дека „Секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции'“.
Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека и во СДСМ воопшто немаат забелешки за личноста и професионализмот на Драган Ковачки, туку само посочиле на парцијален дел од Уставот.
Изборот на техничката Влада треба да се направи до трети јануари, а со оглед што денеска е последен ден од оваа година, сосема е извесно дека ова прашање ќе се затвора во новата година.
