Спасовски: МВР работи на расветлување на сите убиства
За половина година се случија повеќе убиства. Дел добија и политичка конотација. Во случајот со убиениот Мартин Јанушев, убиецот сеуште не е пронајден иако се знае идентитетот на осомничениот за убиството. Потфрли ли МВР во овој случај, за кој опозицијата обвинува и дека се вмешани луѓе кои блиски на власта? Не е пронајден ниту убиецот на Дилавер Бојку и Исмет Арифи? Ова се дел од прашањата кои Фактор му ги постави на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со оглед на впечатокот на јавноста дека бавно се работи на пронаоѓање на осомничените убијци и нивно изведување пред очите на правдата.
„Не потфрли. Министерството за внатрешни работи веднаш ги презеде сите мерки кои се во негова надлежност, и во соработка со Јавното обвинителство спроведе дејствијa за расчистување на убиството на Јанушев. Кривичната пријава е поднесена против познат сторител за кој министерството обезбеди несоборливи докази. Се преземаат мерки за негово пронаоѓање, распишана е меѓународна потерница и МВР преку своите канали на полициска соработка ќе покаже резултати. Се работи и на расчистување на убиствата на Бојку и Арифи. Ако оценката за работата на министерството се дава врз основа на спектакуларни снимки од апсења, фингирани осомничени и бирократско расчистување на случаи, тоа е погрешно. Во полициската работа не смее да има политика, не смее да има сензација и не смее да има ПР. Тоа е работа на професионалци, за кои тежината на доказот е суштинска. Оперативната работа и истрагата се исклучително деликатни и сензитивни процеси, во кои постојат прецизни правила и процедури што мора да се почитуваат и применуваат. Да не заборавиме дека во министерството затекнавме состојба на груба партизација и постоење на спреги помеѓу поранешните раководни структури и криминалните групи. Во моментот течат неколку крупни реформски процеси, но во тек се и кадровски промени на оние позиции каде се лоцирани слабости и неповолни резултати. Министерството има капацитет да се справи со сите предизвици и многу брзо угледот ќе биде вратен, а граѓаните ќе имаат доверба во полицијата“ посочи министерот за внатрешни работи во интервјуто дадено за Фактор.
Јавноста и натаму очекува расветлување на повеќето убиства кои се случија во изминатите месеци. МВР треба да ја гарантира јавната безбедност и да влее сигурност кај граѓаните, особено што овие случаи предизвикаа голем немир и потребно е враќање на довербата во државните институции.
Целото интервју со министерот Спасовски прочитајте го во продолжение.
