Спасовски: Мора да се зголеми интензитетот во спречувањето на перење пари
На првата меѓународна конференција за спречување на перење пари во Македонија се говореше за повеќе истраги кои се во тек, а со нив се опфатени како политичари така и бизнисмени. Македонија треба да заземе посериозен пристап во борбата против финансискиот криминал, е еден од главните заклучоци на конференцијата.
„Институциите задолжени за спроведување на законот треба и мора, со соодветен интензитет, да ја унапредуваат и прилагодуваат својата подготвеност за ефикасно спротивставување кон предизвиците што ги носи феноменот на перењето пари. Особено во делот на квалитетно кадровско екипирање и нормативна поставеност и опсег. А логистиката во тие задачи мора да дојде токму од стручната и експертска фела, како фундаментална концепциска инфраструктура во справувањето со посочениот проблем“, рече министерот Спасовски.
Според обвинителката на СЈО, Ленче Ристовска, потребно е системско решение. Само доколку сите засегнати институции работат заедно, финансискиот криминал ќе се сузбие навреме, вели Ристоска.
„Мислам дека е потребна инклузивност на сите чинители во општеството од овој сегмент, и сметам дека е потребен еден голем интердисциплинарен пристап, така што секој со најдобрите практики од својата област може да придонесе кон изнаоѓање на најсоодветните решенијка“, изјави обвинителката Ленче Ристоска.
На конференцијата учествуваа повеќе експерти како и меѓународни гости од областа на борба со корупцијата.