Спасовски: Крајно време е да престане изнесувањето документи од МВР
Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи, најави санкции за полициските службеници кои изнесуваат доверливи документи од МВР откако ВМРО-ДПМНЕ објави наводен рекет поврзан со РЕК Битола.
- Крајно време е да престане изнесувањето документи од Министерството за внатрешни работи, пред се документи кои што се класифицирани. Мора да престане тој начин на комуникација. Јас разбирам дека постои желба тоа да го прават. Најавив неколку пати во медиумите дека ние имаме отворено посебна оперативна обработка - објава, која што значи дека секој еден што е вработен ќе мора да се придржува до законските прописи и тие документи што ги има, да ги споделува само таму каде што е со закон дозволено.
Таму најавив дека ќе има припадници на полициски служби и поранешни началници, раководители, и така натаму, кои што веќе се сомничат и за кои што веќе имаме соберено докази. Тие што и прават штета на институцијата, треба и да одговараат, затоа што го нарушуваат системот и довербата кај граѓаните, рече денеска Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање.
