Спасовски: Класифицирана информација е колку луѓе брои Единицата за интервентна полиција
Класифицирана информација е колку вработени брои новата Единица за интервентна полиција, рече денеска на нејзината промоција министерот за внатрешни работи во заминување и иден технички премиер, Оливер Спасовски.
„Не можеме да соопштиме бројки. Сега е формирана за главниот град Скопје, бидејќи тука е најголема потребата, сите важни настани и најголемото движење“, рече Спасовски.
Тој ова го кажа на промоцијата на новата Единица за интервентна полиција, која започнува со работа, а денеска беше промовирана во полицискиот центар Ѓорче Петров.
„Потребата е најголема во големите градови, како Скопје, за воспоставување јавен ред и мир, да направиме реформа, да имаме повеќе полициски службеници на улица. Очекуваме безбедноста да се зголеми, униформираните службеници да бидат тука, да соработуваат со граѓаните. Секаде каде вакви единици се формирале, има значително намалување на криминалот“, рече Спасовски.
Новата Единица за интервентна полиција е формирана од досегашната Единица за јавен ред и мир, Единицата за прв одговор и интервенција Алфи и Единицата за асистенции, спровод и обезбедување на транспорт. Како што претходно беше најавено, ќе биде надлежна за следење на состојбите од областа на јавната безбедност на подрачјето на Секторот за внатрешни работи и преземање дејствија и мерки од областа на јавниот ред и мир, спречување на криминалитет и постапување по барање за асистенции за спроведување на извршна одлука.
