Спасовски кажа како ќе реагираат по најавите за „Илирида“
Државата ќе одговори на секој што се обидува да го руши уставниот поредок, вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски за најавата за „Илирида“.
Тој објасни дека полицијата нема никаква надлежност во делот на регистрација на политички партии, на здруженија на граѓани, туку има регистрациони судови кои се занимаваат со ваква активност.
„Ние ќе одговориме на секој предизвик што е од делот на безбедноста без разлика од каде тој доаѓа“, вели министерот.
Заев деновиве додаде дека националистичките проекти како оние што се промовираат во некои од нонпејперите како и овој за „Илирида“ сепак не поминуваат во јавноста и нема да добијат „ниту претседател на месна заедница, а не советник во општина или пратеник“.
Од Движењето „Илирида“, велат дека веќе се прават последните подготовки за ова движење да биде регистрирано како политичка партија за учество на изборите. Доколку победат на изборите, како што велат, ќе го формираат Парламентот на Илирида. Тие ќе бараат федерализација на државата.
