Спасовски го искара Јанушев, наместо да му одговори за Вања и Панче
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната собраниска сесија за пратенички прашања го искара пратеникот Игор Јанушев, кој му постави прашање зошто не бил следен одземениот автомобил на убиениот Панче Жежовски пред да биде киднапирана и усмртена 14-годишната Вања Ѓорчевска.
- Бевте кривично гонети и осудени на две години условно заради злоупотреба на службена должност и набавка на кинеските автобуски за постапка покрената пред СЈО. Второ, како стекнавте недвижности од 2009 до 2012, за сите тие работи?
Да не ви ги читам сите прекршоци и пријави на два листа, да видите кој е Игор Јанушев што сака да морализира. Има ефикасни механизми во работењето, ова не можете да го сокриете. Сега се покажувате како многу морални, а повеќе немам што да ви одговорам за овој процес, а за сите други прашања можете да барате кај предметот што е во истрага, му одговори Спасовски.
На ова Јанушев му реплицираше дека наместо одговор, добил лични дисквалификации од првиот човек на полицијата.
- Вие сте тој самиот што се фати во лагата, на 4.12.2023 рековте дека нема пријава за автомобил, а потоа дека претпоставувате дека лицето заминало со возилото. Очигледно е дека сте збунет и дека не знаете што зборувате. Двојно убиство, а вие го претставувате за успех тоа што еден од нив дојде да ви признае. Без никаков срам, само десет дена по убиството кажувате дека со сејф-сити и камерите сте ја подобриле безбедноста. Чќетири дена ви се возеше возилото низ Скопје, по Партизанска, и дозволивте да ви се случи тоа. Не добив одговор, туку лични дисквалификации, искоментира потоа пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
На ова Спасовски му одговори дека тие лични дисквалификации се факти.
- Немам намера да изнесувам поинакви детали од тоа што беше кажано. Сите тие активности што се превземени, се превземени таму. Тоа не се дисквалификации, тоа се факти, возврати министерот.
