СПАСОВСКИ: ГИ ИМАМЕ ПРВИТЕ ПОДАТОЦИ ЗА ЗАКАНИТЕ ЗА БОМБИ, никој не смее да си игра со судбините на децата
Истрагата е во тек, ги знаеме првите податоци за тоа од каде се испратени тие меилови. Најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП адреси од каде доаѓа заканите за боби во средните училишта. Ова го посочи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју на Националната телевизија каде беше запрашан за дојавите за бомби во неколку скопски средни училишта, тема која го привлече вниманието на јавноста во текот на вчерашниот ден.
- Вчера имавме дојава во 8 училишта за наводно поставени бомби. Секако дека овие згради беа детално проверени од Одделот за антитероризам и утврдивме дека станува збор за лажни пријави. Истрагата е во тек, ги знаеме првите податоци за тоа од каде се испратени тие меилови. Најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП адреси од каде доаѓа овој, би рекол, монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, како една од претпоставките. Без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да се игра со судбините на децата и на сите нас, ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија - истакна министерот Спасовски, додавајќи дека пред неколку дена се случи лажна дојава во ЈСП Скопје, а сега се случува во училиштата и ако станува збор за некаква политичка пресметка, таа не смее да се прави врз грбот на граѓаните.
Запрашан околу санкциите кон сторителите, министерот Спасовски повтори дека со оглед на фактот што во најмала рака станува збор монструозен чин, во кој се злоупотребени училиштата, имајќи ја предвид вознемиреноста на децата, родителите, но и граѓаните генерално, казните треба да бидат најстроги.
