Спасовски: Финансиска истрага за околу седум лица за Онкологија
Првиот човек на МВР, Оливер Спасовски, информира дека се водат финансиски истраги за околу седум лица поврзани со скандалот со криење на скапи лекови на Клиниката за онкологија и хемотерапија.
Ова министерот за внатрешни работи го откри при испитувањето на втората седница на Анкетната комисија за случајот со Клиниката за онкологија што ја води Собранието.
- Секој за кој ќе се утврди вина, ќе треба не само да биде во притвор, туку и да носи одговорност пред надлежниот суд и на крајот да биде осуден. Досега постапувавме по неколку наредби за обезбедување на докази и паралелно за повеќе лица веќе се водат и финансиски истраги. За околу седум лица покрај кривичната истрага се води и финансиска истрага во однос на овој процес. Доказите се обезбедени, одземени се електронските уреди, одземени се здравствените картони и на тоа што го пишува во документите и она што е во електронските уреди не може да влијае никој. Тоа е непобитен факт, изјави Спасовски, одговарајќи на прашање поставено од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески.
Тој додаде дека сепак никој како странка не пријавил во Основното јавно обвинителство или во полицијата за тоа што наводно се случувало на за Клиниката за онкологија. Спасовски рече дека е убеден во цврстината на доказите кои ги поседува МВР.
