Спасовски: Доделувањето на мандатот ќе значи прв чекор кон разрешување на кризата
Доделување на мандатот за формирање на владата, ќе значи прв чекор кон разрешување на кризата, и до намалување на тензиите.
Ова го одговори генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски запрашан дали СДСМ стравува од тензии доколку шефот на државата му го додели мандатот на опозицискиот лидер.
Спасовски образложувајќи го одговорот на ова прашање вели:
„Доделување на мандатот за формирање на владата, ќе значи прв чекор кон разрешување на кризата, и до намалување на тензиите. Зошто е тоа така? Затоа што на тој начин
ќе се создадат можности да се разговара за програмата на владата, таа ќе биде
презентирана во македонската јавност, и таа програма на Влада е клучниот
елемент за развој на Република Македонија. Така што апсолутно не очекувам дека
еден дел од граѓаните на Република Македонија ќе продолжат со протести и
тензии, во услови кога не знаат за што протестираат во најголемиот дел. Знаете
како рече еден демонстрант пред ДИК - јас не знам за што се протестира, меѓутоа
за секој случај сум тука. Се додека добиваме такви одговори на прашањето зошто
се протестира, јасно е дека се протестира заради заштита на одредена група,
којашто се плаши заради сопствената кожа, што ќе се случува во понатамошниот
период, се плаши од воспоставувањето правда во Македонија, меѓутоа најважно за
државата е нова реформска влада и правда за сите граѓани“, рече Спасовски.
Спасовски вели дека СДСМ работи на варијанти коишто следуваат меѓутоа најважната работа е Иванов да се вразуми и да го даде мандатот со тоа што ќе ги исполни своите уставни овластувања.
„Ова претставува директно кршење на Уставот, рушење на уставниот поредок и токму заради тоа и денешната прес конференција и повикот навистина г-динот Иванов да направи се, да помогне Македонија да излезе од оваа криза. Изборот на Парламентот и сите други работи којшто претходат, сигурно дека мора да се случат меѓутоа најважно од се е Македонија да добие што е можно побрзо Влада“, посочува Спасовски.
