Спасовски даде детали како поминала новогодишната ноќ
Во Македонија имавме генерално мирна новогодишна ноќ, а на бесплатниот телефон регистрирани се вкупно 62 пријави.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информираше дека во текот на ноќта се регистрирани 16 кривични дела, 13 прекршоци, а немало сообраќајни незгоди со смртни последици. Имале девет пријави за недозволени забави и собирања на повеќе од четири лица во приватни објекти.
„На бесплатниот телефонскиот број, кој го промовиравме како проект за пријавување на какво било нарушување на здравствените протоколи, од 28 декември во 12:00 часот до 1 јануари 11:00 часот, се регистрирани 62 пријави. А во периодот од 19:30 часот на 31 декември до 8 часот на 1 јануари 2021 година, имало 22 пријави. Контролирани се 288 угостителски објекти во Скопје и има двајца приведени“, изјави Спасовски.
На целата територија на државата се регистрирани 16 кривични дела, од кои пет на подрачјето на СВР Тетово, по три на подрачјето на СВР Скопје и СВР Охрид, и СВР Струмица и по едно на СВР Велес и СВР Штип. На подрачјето на СВР Куманово нема регистрирано ниту едно кривични дела. Од нив пет се за непостапување по здравствените протоколи за време на епидемија, констатирани при контроли на угостителските објекти.
