Спасовски да каже на кои светски мафијаши не дал пасоши, обвини ВМРО-ДПМНЕ
Од ВМРО-ДПМНЕ вчера упатија уште едно обвинување на адреса на министертот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Велат дека треба јавно да каже на кои светски мафијаши не им дал македонски пасоши.
„Оливер Спасовски очигледно добро знае на кои светски мафијашки и атентаторски имиња МВР со него на чело има издадено пасоши, како и веројатно кои биле на список на чекање за пасош. Затоа, Оливер Спасовски редно е да соопшти и испрати список на сите имиња на светски мафијаши на коишто им е обезбедено пасош со македонско име, за да не ја доведуваат светската јавност во заблуда. Воедно, во интерес на просторот и времето Спасовски може да објави и список на имиња на светски познати мафијаши и атентатори коишто немаат пасош од МВР, а којшто список веројатно е покус. Срамно е за Македонија истиот министер којшто управувал со МВР додека звучни имиња од светското подземје доаѓале во полициска станица на организирано фотографирање и подготовка на оригинални македонски пасоши со вистински идентитет на македонски граѓани, се уште да е министер додека за секоја акција против организираниот криминал во светот да се посочува на Македонија, пасош од МВР на Спасовски и аферата „Мафија““, наведуваат од партијата.
Оваа тема стана актуелна, во врска со подготвувањето на атентат за српскиот претседател Александар Вучиќ, при што се спомена името на криминалецот Радоје Звицер.
ВМРО-ДПМНЕ обвини, а власта негираше дека тој поседува македонски пасош.
