СПАСЕНИ СЕ ДВАЈЦА СТРАНЦИ ПО КАСНУВАЊЕ ОД ЗМИИ: Во Охрид немало серум, па лицето го носеле во Дебар
Дебарската болница помага на каснати од змија и од соседството.
Во изминатите неколку дена во Општата болница со прoширена дејност во Дебар, антивиперин, серум против змиски отров, добиле две лица странски државјани. Тие се спасени.
„Во едниот случај станува збор за лице од соседните албански населени места, во чии амбуланти во моментот немало серум, а додадено на тоа поради фактот што нашата болница е поблиску од регионалната во Пешкопеја, потребната помош се дава побрзо и навреме. Доколку во период од 3 до 4 часа не се добие ваков серум настапува смрт“, рече за МИА, директорот Јетлумт Пашоли.
Вториот случај е од вчера, а неофицијално се работи за холандски државјанин, кој бил на одмор во Охрид.
„Колегите од општата болница од Охрид, кои не располагале со серум, ни се јавија за случајот и веднаш излеговме во пресрет, да помогнеме. Времето беше во прашање, кое не дозволуваше да однесеме серум до Охрид, поради што со санителско возило од охриската болница пациентот беше донесен кај нас, прими антивиперин и повторно беше вратен во Охрид“, додава Пашоли.
Според него, имајќи го предвид периодот на појава на змии, навреме се снабдиле со потребниот серум. Центарот за управување со кризи(ЦУК) веќе предупреди граѓаните да внимаваат затоа што периодов има змии во природа.
