СПАС ЗА НАС: Краен ефект од рудниците на Кожуф ќе биде иселување на овој регион
Ако се отворат рудниците со злато на Кожуф ќе има загадување на воздухот, почвата, загрозено ќе биде здравјето на луѓето и можно е да дојде до иселување од Гевгелија.
Рудниците за злато се огромни рудници со отворен коп. Најпрво се уништува целата шума каде што се отвара рудникот. Имајќи во предвид дека се работи за површини од 1000-3000 хектари, тоа е неповратно штета на целовкупниот растителен и животински свет, вели Ристо Наков, активист и член на Здрушение на граѓани СПАС ЗА НАС од Гевгелија.

Објаснува дека рудата се копа со помош на 20-50 тони на експлозив на ден, што предизвикува створување на десетици тони високо отровна прашина која во себе содржи арсен, талиум и сулфорни оксиди.
„Тоа ќе биде воздухот што ќе го дишат сите граѓани од првиот ден на отварање на рудниците, па во наредните 30 години додека трае работењето на рудникот. Бидејќи златото се добива со цијанид, тоа ќе предизвика огромни планини од токсична јаловина која што во себе содржи цијанид, арсен, талиум, антимон и сулфорна киселина кои што комплетно ќе ги загадат сите подземни и надземни води. Сето тоа ќе придонесе за комплетно загадување и на почвата во радиус од 50 км. Тоа ќе го уништи целовкупното земјоделие, сточарство, туризам и другите преработувачки капацитети. Без исклучок крајниот ефект е иселување на сите луѓе од овој регион“ - вели Наков.


Кампањата СПАС ЗА ГЕВГЕЛИЈА е широка граѓанска активност која има за цел да ги информира сите граѓани на Општина Гевгелија што ќе се случи доколку не се спречи отварањето на двата рудника во општината.
„Исто така и советот на Општина Гевгелија донесе едногласна одлука, градоначалникот и сите советници активно да водат кампања против отварањето на рудниците. Кампањата ќе се реализира преку организирање на трибини, средба со граѓани, делење на едукативни флаери, поставување на плакати, банери, емитување на едукативни и информативни видеа на регионалните телевизиски станици и информативни спотови на радио каналите. Исто така, кампањата има целосна поддршка и ќе се реализира преку објектите на Македонската Православна Црква и другите верски заедници“ - изјави Наков.
Според него, граѓаните се едногласни против отварањето на овие рудници бидејќи не сакаат да ги напуштат своите домови и да ја уништат иднината на своите деца и идни поколенија.
Референдумот на кој гевгеличани ќе го кажат своето мислење е закажан за 23 април.
Сања Атанасовска
