Советот за утврдување факти ќе замине во историјата, на судиите друг ќе им „суди“
Како што се најавуваше и очекуваше Владата на Република Македонија донесе одлука да му предложи на Собранието да го укине Советот за утврдување факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија со тоа што ќе престане да важи законот за ова независно тело.
Главните причина за ваква одлука се тоа што Советот за факти претрпе повеќе критики од меѓународни институции бидејќи иако е добро некој да одговори на преставките кои ги имаат граѓаните и се незадоволни од постапувањето на судиите, сепак функционираше како еден вид на паралелно тело надвор од системот.
Во Советот на факти членуваат правни експерти со висок степен на стручност и поранешно искуство во правната фела, но нивната работа најверојатно ќе ја прекине Собранието.
„Основна цел на овој предлог закон е престанување на важење на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија и враќање на надлежноста за водење на дисциплинска постапка на Судскиот совет на Република Македонија, водејќи сметка за дадените забелешки и напатствија од меѓународните институции во делот на реформите на правосудниот систем. Во образложението за овој предлог се вели дека праксата покажа дека формирање на вакво професионално тело за покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија не ја оствари целта на основањето, туку, напротив, истото беше формирано без да се направи целосна анализа на недостатоците во Законот за судски совет што резултираше со негативен извештај од меѓународните институции, вклучувајки ги и забелешките од Венецијанската комисија“ се вели во соопштението на Владата.
Бидејќи надлежностите за надзор и контрола на судиите од Советот за проверка на факти ќе бидат префрлени или вратени во Судскиот совет се предвидува дека и за оваа постапка ќе бидат потребни законски измени.
„Владата донесе одлука и за предлог закон за изменување и дополнување на Законот за Судски совет, заради правните последици што ќе произлезат од предлогот за престанок на важењето на Законот за совет за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, како и заради укажувањата за неопходноста од законски измени кои на ова тело ќе му наложат поголема и неопходна транспарентност во работата на Судскиот совет, и заради постоечката законска одредба која на кандидатите за судии кои не беа избрани на огласот, им беше ускратено правото на жалба“ соопшти Владата.
Со овие измени ќе треба да се внимава и на Судскиот совет кој ќе добие уште поголема моќ од таа што ја има досега и ќе мора да се наоѓаат механизми како да се зачува неговата објективност, независност и професионалност, за да нема ниту штитење на колеги од судството, ниту пак казна за судии кои чесно си ја вршат работата, а се под притисоци на политичари или други моќници со прокси влијанија.