СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ ГО ОТФРЛИ БАРАЊЕТО: Фетаи нема право на жалба
Според Советот на јавните обвинители, обвинителката Фатиме Фетаи нема право на жалба.
Фетаи до нив испрати барање за преиспитување на одлуката со која ја исфрлија од трката за републички јавен обвинител. Советот е со став дека имала некомплетна документација. Фетаи тврдеше дека ги исполнува условите, поради што бараше преиспитување на одлуката.
„Заради повреда на моето право за понатамошно учевство во постапката за именување на ЈОРСМ, и писмено ќе се обратам до Советот на јавните обвинители со образложено барање за преиспитување на Одлуката за отфрлање на документацијата како некомплетна“, изјави неодамна Фетаи.
Според членовите на советот, Фетаи не доставила уверение за познавање на македонскиот јазик и уверение за деловна способност. Но ова, како што веќе појасни обвинителката, се општи услови, кои се подразбира дека ги исполнува бидејќи и во моментот е јавен обвинител.
Фетаи сега чека одговор и од Владата и Собранието од кои побара да ја стопираат постапката за избор на шеф на републичкото јавно обвинителство.
Советот на јавните обвинители зелено светло му даде само на Љупчо Коцевски, а од трката испадна и обвинителката Лидија Раичевиќ.