Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Советниците на власта со максимални напори се трудат да го избегнат изборот“: Крстевски - единствен кандидат за градоначалник на Кочани

„Советниците на власта со максимални напори се трудат да го избегнат изборот“: Крстевски - единствен кандидат за градоначалник на Кочани

Советникот во општина Кочани, Венко Крстевски од кандидатска листа поддржана од група избирачи, најави дека е подготвен да ја извршува функцијата в.д. градоначалник по оставката на досегашниот градоначалник Љупчо Папазов, кој е осомничен и во притвор за пожарот во дискотеката Пулс во кој животот го загубија 61 лице, а околу 200 се повредени.

На својот Фејсбук профил, Крстевски како независен член на Советот, оценува дека другите советници, посебно од партијата на власт, се трудат да го избегнат изборот на в.д. градоначалник, поради што тој решил да ја истакне својата кандидатура за функцијата во наредните шест месеци, иако очекува опструкции при изборот.

- Оваа недела стана јасно дека советниците на власта со максимални напори се трудат да го избегнат изборот на В.Д. Градоначалник во Кочани. Дали се неспособни, плашливи, партиски послушници, оценете вие сами.

Јас, Венко Крстевски, како советник имам над 1000 дискусии, над 200 советнички прашања, многу младински иницијативи, над 50 предлози (дел од нив се прифатени/реализирани).

Најавувам дека храбро сам ќе се пријавам во овие најтешки времиња за Кочани да ја извршувам функцијата В.Д. Градоначалник за следните 6 месеци, иако очекувам многу опструкции.

Неспособноста на локалната владејачка партија доведе до тоа да треба да се избере СЕДМИ директор на КЈП Водовод Кочани во само три години.

Јас, Венко Крстевски, секогаш сум бил на страната на народот во Кочани, народот тоа многу добро го знае. Имам изглегувано на сите протести и штрајкови и се имам спортиставувано на сите политики кои не се за доброто на кочанчани, без разлика кој и да е бил на власт.

Во овој состав на Совет на Општина Кочани, советниците од владејачката партија немаат дадено ниту еден предлог и немаат никаков допринос за подобрување на амбиентот на живеење на кочанчани.

Свесен сум дека јас сум само еден независен советник во советот, но верувам дека некои од советниците ќе го препознаат мојот квалитет и искрена желба за создавање на подобри услови за живеење на кочанчани и нивните деца.

Јас стојам зад секој мој даден збор, секое мое ветување и идно ветување ќе го остварам.

Кочанчани размислете каков градоначалник сакате да добиете.

Картата е купена, доаѓам!!! - истакнува Крстевски.

Во образложението за кандидатирата тој нагласува дека досега во Советот имал над илјада дискусии и преку 200 советнички прашања, од кои дел се прифатени и реализирани. Исто така, во изминатиот период дал поддршка на сите граѓански протести и штрајкови, а се спротивставувал и на сите политики што не се во интерес на граѓаните, без разлика кој ја имал власта.


Крстевски е единствениот кандидат кој јавно искажал намера да биде в.д градоначалник на Кочани во следните шест месеци. 

Изборот на в.д. градоначалник е закажан како единствена точка на дневниот ред на 62. седница на Советот на Општина Кочани, што треба да се одржи в понеделник во 12 часот. 

Фото: Принтскрин/Фејсбук

Слично

Поврзани вести