Советничка на ВМРО-ДПМНЕ си даде оставка во општина Кочани: Се залетаа за функции, се грижеа само за своите интереси
Советничката Кристина Атанасова - Арсова од ВМРО-ДПМНЕ, чиј син беше повреден во трагедијата во „Пулс“, денес низ солзи си поднесе оставка на седницата за избор на в.д. градоначалник на Кочани
- Им се извинувам на сите граѓани кои дадоа глас за мене како дел од советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, не успеав да реализирам многу работи бидејќи не беа приоритет за градоначалникот и раководството на Општинскиот комитет. Залетани од новите функции, се грижеа само за своите интереси. Сите идеали на овој свет не се вредни колку што е солзата на едно дете, рече Атанасова - Арсова.
Седницата за избор на в.д. градоначалник, по оставката на советничката од ВМРО ДПМНЕ, Кристина Атанасова Арсова, која ја поднесе јавно и од говорница, а чиј син беше меѓу повредените во несреќата во „Пулс“, потоа беше прекината.
Претходно, пред советниците имаше две кандидатури, едната на независниот советник Венко Крстевски, а другата од советничката група на ВМРО ДПМНЕ за кандидатот Гоце Марков.
Седницата би требало да продолжи по констатирањето на оставката од Атанасова – Арсова.
Слично
