СОВЕТНИЧКА НА МИЦКОСКИ „СЕДНУВА ВО СТОЛЧЕ“ НА РКЕ - Ана Виткова иден член, има дебело искуство во правото и енергетскиот сектор
Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија ја предлага Ана Виткова од Скопје за член на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад. Виткова е дипломиран правник со положен правосуден испит и доктор на правни науки, со повеќегодишно професионално искуство во државната администрација, правните работи, инвестициите и енергетиката.
Според образложението доставено до Собранието, Виткова има долгогодишно работно и проектно искуство во Владата, каде што била вклучена во повеќе значајни процеси поврзани со енергетиката, концесиите и јавно-приватните партнерства. Таа учествувала како член на комисии формирани од Владата за подготовка, организирање и спроведување постапки за доделување концесии за користење вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на Црна Река и учество во јавно приватно партнерство со АД ЕЛЕМ.
Воедно Виткова била дел и од Комисии за спроведување на постапки за доделување на договори за јавно приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас во Регионите 1, 2 и 3.
Нејзиното професионално искуство вклучува и ангажмани како надворешен правен консултант за компании од областа на енергетиката, каде што била ангажирана за обезбедување стручни правни мислења и консултации во врска со примената на енергетската регулатива, инвестициите, концесиите и подготовката на договорна документација за енергетски проекти.
Она што „паѓа во очи“ од биографијата на Ана Виткова е фактот дека во моментов таа е советник на претседателот на Владата, односно на премиерот Христијан Мицкоски за правни прашања, позиција на која е од август 2024 година. Во рамки на оваа функција таа обезбедува правни насоки и советување за сложени правни прашања, учествува во следење и реализација на стратешки проекти на Владата, како и во следење на законодавните измени и политики и подготовка на стручни толкувања поврзани со примената на законите и подзаконските акти.
Претходно, Виткова била државен советник за странски инвестиции во Генералниот секретаријат на Владата, каде што работела на политики поврзани со странски инвестиции, државна помош и олеснување на инвестициските процеси. Во периодот од 2014 до 2018 година била државен советник за правни прашања во Канцеларијата на претседателот на Владата, а претходно извршувала и други правни позиции во владините институции.
Во нејзината биографија се наведува дека има искуство во решавање комплексни правни прашања, координација на проекти и преговарање со различни институции и организации. Како правен експерт, таа има работено на прашања што опфаќаат енергетика, инвестиции, концесии и корпоративно управување, области кои се значајни за работата на Регулаторната комисија за енергетика.
Предлогот за нејзино именување ќе биде разгледан во Собранието, и сосема е веројатно таа наскоро да стане нов член на РКЕ.
Во овој период има седум членови во комисијата, при што Ацо Ристов, е претседател на РКЕ, именува во април годинава.
Лирим Сулејмани е заменик претседател и член на РКЕ, со мандат од мај 2021 година. Тој е најдолго член на комисијата, па сосема очекувано е Виткова да доаша на негово место.
Двајца членови, Александар Чеботарев и Фатон Амбари се именувани во јули 2023 Елена Маркова-Велинова стана член на РКЕ во септември 2024 година. Додека Ирфан Шаќири е именуван за член на РКЕ април 2025 година. Последен во низата членови е Атанаско Тунески,кој е именува исто така април 2025 година.
Мандатот на членовите на РКЕ трае пет години, по што имаат право на реизбор.
П.О.