Економија, финансии, бизнис

Контакт

СОСТОЈБАТА ВЕЌЕ НЕ Е СТАТУС КВО: Жителите на струмичко почнаа да издаваат соби за туристите кои доаѓаат да ги посетат водопадите

СОСТОЈБАТА ВЕЌЕ НЕ Е СТАТУС КВО: Жителите на струмичко почнаа да издаваат соби за туристите кои доаѓаат да ги посетат водопадите

Во Општина Ново Село, локалните жители почнаа да издаваат соби за туристите кои доаѓаат да ги видат Смоларските и Колешинските водопади, но и Мокринските извори. За разлика од пред неколку години, на ова поле веќе има позитивни промени. Од Општината се надеваат дека во наредниот период бројот на оние кои ќе се фокусираат на рурален туризам ќе расте, а додаваат  дека ќе има две викенд населби и тоа во Мокрино и Смоларе. Од локалната самоуправа објаснуваат дека има интерес за парцелите.

„Веќе имаме регистрирано десетина лица кои сместуваат туристи и тие имаат резервации за следните 3-4 месеци. Доаѓаат дипломати, видни лица, тие ги сместуваат, им готват традиционални јадења. Според некои неофицијални информации, годишно 10.000 луѓе ги посетуваат водопадите,  од кои 80 отсто се домашни, а 20 отсто странски туристи. Имаме гости од Италија, Холандија, Кина. Најмногу посети има во пролет, лето и есен, а посебно од 1 до 15 август луѓето доаѓаат да ги видат убавините во нашата општина додека се на годишен одмор“, вели градоначалникот Ѓорѓе Божинов.

Тој објаснува дека странските амбасади многу помогнале за афирмацијата на местото, но и туристичките агенции дале придонес. И општината се труди да донесе што повеќе посетители.  Што се однесува до бугарските државјани, градоначалникот вели дека тие најчесто доаѓаат во Струмица за да пазарат по пониски цени, а поретко посетуваат локалитети.

Даниела Трифуновска од агенцијата Ви травел од Струмица вели дека ученици редовно ги посетуваат водопадите.

„Ние инсистиравме тие места да бидат вметнати во програмите за екскурзија. Носиме деца од Охрид, Скопје, Берово да ги посетат водопадите. Обично екскурзиите се во мај и септември. Во странство од еден камен луѓето знаат да направат приказна. Доаѓаат Бугари, Французи, Германци, ги упатуваме да ги посетат водопадите“, вели Труфуновска.

Таа додава дека планираат средба со локалната власт во српскиот град Ниш со цел и српски туристи да доаѓаат на тури во Струмица и околината. Но, нагласува дека е многу важно гостите да бидат придружувани од туристички водич.

Сања Атанасовска

фото Википедија/Тиверополник

Слично

Поврзани вести