СОРАБОТКА МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА: Мултиетнички Центар за третман на деца со аутизам
На 11-тa седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за спроведување на проект Мултиетнички Центар за третман на деца со аутизам АДХД и Аспергеров синдром во Тетово.
„Проектот се реализира во рамки на билатералната соработка за постигнување на целите на среднорочната програма 2016 – 2020 со која се промовира развојна соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, која се остварува од страна на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје во насока на зајакнување на соработката и партнерството на граѓанското општество и државните институции од Република Северна Македонија и Република Бугарија и е придонес на Република Бугарија во европската перспектива на Република Северна Македонија. Вкупната вредност на проектот е 122.710 евра, а Мултиетничкиот Центар за третман на деца со аутизам АДХД и Аспергеров синдром ќе биде сместен во рамки на одделот за физикална медицина и рехабилитација во ЈЗУ Клиничка болница Тетово“, информираа од Владата.
За проектот веќе се предвидени простории од 200 м2 кои ќе бидат доделени на користење на Здружението за грижа на лица со аутизам, АДХД и синдром на Аспергер „Во МОЈОТ СВЕТ“ кои се избрани и назначени за спроведувач на проектот од страна на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
