Сопствениците на танкери ги живеат најдобрите денови поради Иран и Венецуела
Воените акции на САД и Израел врз Иран можеби ќе доведат до повисоки цени на горивата на бензинските пумпи, но во исто време создаваат огромни профити за сопствениците на нафтени танкери. Според анализи на „Форбс“, богатството на милијардерите во овој сектор се зголемило за околу 45 милијарди долари.
На третиот ден од нападите врз Иран, грчкиот тајкун во бродарството Николас Цакос добивал постојани повици од својот тим во Лондон. Тие се обидувале да обезбедат осигурување за танкерите што пловат во близина на Персискиот Залив, каде што премиите нагло пораснале поради заканите и одмаздничките напади на Техеран.
– Во состојба на готовност сме. Имаме три брода во областа – изјави Цакос за „Форбс“.
– Времињата се интересни. Спот-пазарот е многу поволен и ние ја користиме таа предност.
Цакос е долгогодишен играч во индустријата. Тој ја основал компанијата „Tsakos Energy Navigation“ во 1993 година, а таа стана јавно тргувана на берзата во Њујорк во 2002 година. Компанијата и денес е контролирана од него и неговиот 89-годишен татко Панајотис.
Иако бизнисот со танкери традиционално зависи од цените на нафтата и геополитичките кризи, 2026 година се покажува како исклучително профитабилна.
Скок на цените за транспорт на нафта
Промените започнаа уште на почетокот на годината, кога политичките случувања во Венецуела повторно го отворија извозот на нафта од таа земја. Еден од бродовите на Цакос – „Mediterranean Voyager“ – бил меѓу првите што натовариле нафта таму.
Цените на дневниот наем за танкер во Венецуела скокнале од 70.000 на 110.000 долари, а по нападите врз Иран достигнале и 160.000 долари дневно.
Дополнителен притисок врз цените создаваат и проблемите во поморските рути. Нападите на проиранската милиција Хути во Црвеното Море, како и тензиите во Ормутскиот теснец, низ кој минуваат околу 20% од светските залихи на нафта, го нарушија транспортот.
Раст на акциите и богатството
Акциите на Tsakos Energy Navigation пораснале за 69% од почетокот на годината, додека акциите на танкерската компанија Frontline – во која милијардерот Џон Фредриксен има значаен удел – пораснале за 93% во последните два месеци.
Според „Форбс“, богатството на 13-те најбогати сопственици на танкери се зголемило за повеќе од 50% во последната година, достигнувајќи околу 130 милијарди долари.
„Сивата флота“ и новиот пазар
Дополнителен поттик за секторот дава и американската кампања против таканаречената „сива“ или „сенка“ флота – група од повеќе од 1.000 застарени танкери кои со години ја транспортираа нафтата од Иран, Венецуела и Русија заобиколувајќи ги санкциите.
Од декември минатата година САД заплениле 10 танкери од оваа флота и вовеле санкции за уште околу 300 бродови. Со тоа се отвора простор легалните танкерски компании да го преземат дел од пазарот.
Добрите денови можеби допрва доаѓаат
Експертите сметаат дека без разлика како ќе заврши кризата со Иран, танкерскиот сектор ќе продолжи да профитира.
Ако конфликтот го наруши извозот на иранската нафта, големите купувачи како Кина ќе мора да бараат нови извори – што ќе значи повеќе транспорт и поголема побарувачка за танкери.
А доколку во иднина се укинат санкциите кон Иран, на пазарот ќе се појават уште поголеми количини нафта, што повторно ќе ја зголеми потребата од бродови за транспорт.
Како што заклучува Цакос:
– Ќе има поголемо производство од Иран и Венецуела, а без „сивата флота“ побарувачката за легитимни танкери ќе биде уште поголема.
Форбс.рс