СОПРУГОТ Е РАЗОЧАРАН: Ослободен од обвинение полицаецот кој лани ја застрела мигрантката Фатмата
Ослободен од обвинение e полицаецот кој лани ја застрела мигрантката Фатмата Kaмара од Сиера Леоне кај Гевгелија.
Полицискиот службеник Игор Марков кој лани ја застрела мигрантката Фатмата Камара, по што таа почина во болница во Гевгелија, денеска е ослободен од обвинението. Судските трошоци ќе паднат на товар на буџетските средства на државата. Оштетените за своето имотно-правно побарување се упатуваат на спор. Сопругот на мигрантката беше разочаран.
Настанот се случи на 19 април 2023 година во раните утрински часови во близина на Гевгелија, кај местото викано „Стара касарна“. Полицајците затекнале двајца криумчари и повеќе мигранти. Обвинетиот го извадил пиштолот и со викање ги предупредувал присутните да застанат. Еден од криумчарите пак му се свртел ненадејно и се обидел да му го земе пиштолот, по што почнале да се борат.
„Испуканиот истрел ја погодил Фатмата Камара од Сиера Леоне, која седела на задното седиште во возилото нанесувајќи ѝ повреда во задниот дел на десното рамо, па како резултат на здобиените повреди мигрантката починала откако била пренесена во ЈЗУ Општа болница Гевгелија“, се наведува во извештајот на Обвинителството.
Фатмата во моментот на пукањето била со нејзиниот сопруг Абу Бакар. Таа ја минала грчката граница, откако земјата го одбила нејзиното барање за азил. Живеела во бегалски камп. Бакар, кој тука води постапка за азил, како оштетен сведочеше на едно од рочиштата. Инаку, тој претходно се жалеше на процедурите во државата додека да го подигне тело за погреб.
