Сопругата на починатиот тврди: Моторот беше регистриран, Гоце имаше положено и двајцата носевме заштитна опрема
Сопругата на починатиот пред две години Гоце Димитриески, Наташа Апостолоска Димитриевска, најавува дека уште утре ќе поднесе претставка до надлежниот суд, во врска со пресудата од петокот, во која судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ, сторителот на делото го осуди само со условна казна.
Во разговор за Канал 5 таа изјави дека уште утре ќе поднесе претставка до надлежниот суд.
„Најпрвин претставка до самиот судија, исто и постапки и спрема обвинител, за долго водење на случајот, ненавремено постапување на документи за утврдување на вина за Васил, кој ми го уништи животот, го одзеде животот на Гоце и на моето дете“, изјави Наташа Димитриевска.
За неа пресудата била големо разочарување.
„Таа беше само јавно објавена и со кратко образложение дека признал, без да образложи остатоци кои околности ги зела...ни обвинител не беше присутен да чуе исход, станува збор за смртен случај, тешки последици и загуба на плод, и осуден не дојде, што побудува сомнежи“, вели Димитриевска.
Таа за Канал 5 рече дека има низа забелешки и за тоа како се водел целиот судски процес.
„Пропуст има уште во СВР Скопје кога го прават записникот. Наведено во записникот е дека моторот не бил регистриран. Си беше регистриран, Гоце си имаше положено за соодветна категорија, двајцата си носевме заштитна опрема, наместо тоа обвинителството да го истражи..., таа борба со СВР Скопје ја водев сама, потоа документи во однос на плодот, исто сама си водев. На крајот обвинителот само дојде за да си води, и да не најде време да слушне пресуда“, изјави Димитриевска.
