Сопругата на Македонецот тврди дека е невин, иако тој го признал убиството на Гркинката Ставрула Левендаки
Сопругата на македонскиот државјанин кој е обвинет за убиство на жена во Грција тврди дека тој е невин.
Медиумот „Лајв њуз“ објави аудиоснимка од телефонски разговор меѓу него и братот на Ставрула Левентаки, во која се откриваат делови од нивната комуникација по исчезнувањето на жената.
Според „Лајв њуз“, во разговорот обвинетиот изразува желба таа да биде пронајдена, наведувајќи дека така би можел да има „помирен живот“ и дека му е важно нејзиното здравје.
Во телефонскиот разговор, 43-годишникот вели дека е исплашен и дека единствено сака жената да биде пронајдена.
Во меѓувреме, неговата сопруга во изјава за телевизијата „Мега“ истакна дека верува во неговата невиност и дека ќе продолжи да го поддржува.
„Сигурна сум дека е невин. Го поддржувам и тоа до смрт. Мојот сопруг никогаш не погледнал друга жена, ниту кога беше помлад, ниту сега кога сме заедно веќе 20 години“, изјавила таа.
Според неа, Ставрула Левентаки била необична личност и целиот случај претставува заговор против нејзиниот сопруг.
Според досегашните информации, 43-годишниот македонски државјанин, кој го изнајмувал имотот на Левентаки, признал дека ја убил. По убиството, како што пренесуваат медиумите, тој го ставил телото во вреќа, го превезол со автомобил и го закопал на нива, на околу пет километри од куќата.
Пред истражните органи, македонскиот државјанин изјавил дека тој ден користел канабис и дека немал намера да ја убие жената. Како мотив навел дека Ставрула му се заканувала дека ќе ја извести неговата сопруга дека ја силувал, додавајќи дека со години имале конфликтна и интимна врска.
Според грчките власти, истрагата, ДНК анализите и сведочењата довеле до идентификување на убиецот. Ставрула Левендаки се водела како исчезната од 30 мај, а нејзиното исчезнување било пријавено во полиција на 8 јуни.
