СОПРУГАТА И ЌЕРКАТА НА ГАЗДА ДЕКО СЕ ПОВИКАНИ ВО ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА: Истрагата се проширува
Во координирана
акција на припадници на Министерството за внатрешни работи, синоќа биле
повикани во полициска станица сопругата и ќерката на сопственикот на дискотеката
„Пулс“, Дејан Јованов – Деко, пишуваат медиумите.
При приведувањето, на нив им биле одземени пет мобилни телефони.
Неофицијално, спорната фалсификувана лиценца од Министерството за економија ја земала ќерката на газда Деко.
На новинарско прашање дали е точно дека се приведени сопругата и децата на сопственикот на дискотеката и доколку е така, дали и тие се осомничени или се лица од кои се прибираат информации, од ОЈО одговорија ако има нови приведени обвинителството ќе извести.
Во врска со истрагата за трагичниот пожар во Кочани, Основното јавно обвинителство потврди дека во текот на вчерашниот ден и денеска истражните тимови на ОЈО и Министерството за внатрешни работи координирано преземаат дејствија за обезбедување докази.
„Извршени се претреси на пет локации во Кочани и во Скопје, при кои се одземени дополнителни електронски уреди и други докази за кои се издадени наредби за вештачење. Извршени се и распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија“, информираат од Обвинителството.
Во текот на денот, Јавното обвинителство ќе издаде наредба и до Управата за финансиска полиција за преземање определени дејствија поврзани со материјалното работење на повеќе правни субјекти, како и за осомничените и други лица.
