Сопатниците од комбето на првозаболената од коронавирус се негативни
Нема ниту еден позитивен на коронавирус од сопатниците на првозаболената пациентка која и по вториот контролен тест покажува негативен резултат.
За ова по полноќ информираше министерот Венко Филипче кој преку социјалните мрежи ги сподели најновите информации.
Тоа значи дека сите оние патници од комбето со првата заболена пациентка немаат коронавирус а беа во домашна изолација две недели.
Министерот, меѓудругото информираше и за тестирани четири лица од Струмица и осуммина од Скопје, сите поврзани со првата пациентка, и се негативни на вирусот.
Негативни на коронавирусот се и резултатите на тестираните седуумина кои покажуваа индикации.
Во овој момент на инфективната клиника во главниот град се наоѓаат девет пациенти од кои осуммина се позитивни на вирусот, додека деветиот случај или првозаболената веќе е во фаза на оздравување и таа наскоро ќе биде пуштена дома бидејќи и по вториот контролен тест резултатот е негативен на коронавирус.
