СООЧУВАЊЕ МЕЃУ „ОГНЕНИТЕ“ И „АРТАНИСТИТЕ“- што ќе донесе денешното Централно претседателство на ДУИ
Денеска Демократската унија за интеграција во партиското седиште во Мала Речица ќе одржи седница на Централното претседателство, на чиј дневен ред се очекува да биде расправа за „фронтот за Европа“.
Група истакнати членови на ДУИ, кои беа наречени „Огнена група“, кон крајот на септември објавија отворено писмо во кое обвинија дека во партијата речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски тела и дека политичкото одлучување станало индивидуално. Во писмото, потпишано од 20-тина членови на ДУИ, меѓу кои и Изет Меџити, Муса Џафери, Висар Ганиу, Невзат Бејта, Блерим Беџети, Мерита Коџаџику, се бараше внатрепартиска дебата за да се надмине состојбата и беше упатен повик до лидерот на партијата Ахмети „да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство“.
