Сонот на иден млад лекар: Плата и услови за работа или билет во еден правец?!
Милан Климкаров е студент во завршните студии на Медицинскиот факултет. Вели од секогаш знаел дека медицината е неговата најголема животна желба во која се вложува целосно и покрај многуте откажувања, препреки и предизвици. Младиот студент, иден лекар, се сеќава дека минал многу ноќи над книга, а додека негови пријатели останувале на журки или организирале забави, тој останувал задлабочен во стручната литература. Медицината вели е комплексна и тешка наука во која цел живот учиш. Секојдневието е исполнето со книги, текстови, испити, стрес. Во животот вели секогаш се бори сам, сонот како иден млад лекар да му стане реалност. Саможртвата како што вели е реципрочна на причината, колку посилна причина-толку поголем елан и желба да се достигне титулата доктор.

Обврските спрема факултетот, додава дека бараат посериозен ангажман кој дел од неговите колеги со потешкотија го вклопуваат во нивниот начин на живот. Медицината бара посебен начин на живот во кој вели ќе бидеш подготвен најголемиот дел од секојденивето да го посветиш учејќи до доцна навечер во континутет од најмалку 6 студиски години.
“Саможртвата е голема но според мислењето на повеќето мои колеги исплатлива , за да се разбереме подобро кога велам саможртва мислам на тотално посветување на студиитe, задолжителна теоретска настава, задолжителна практична настава кои во денот формираат обврски од најмалку 8-10 часа некогаш и повеќе од 12 часа, додека остатокот од денот го посветуваме на подготовка за колоквиуми и испити кои поради обемноста ги подготвуваме до доцните вечерни часови ,а почесто и до раните утрински часови. Нашата утеха дека сме млади во духот наспроти нашите години и дека ќе надокнадиме по завршувањето на студиите е една од утешните водилки кои не водат кон напред и кон полесно пребродување на омилен настан во градот, концерт на омилен пејач/ка или група и слично, што значи дека фокусот кон учењето и факултетот не трпи компромиси”- додава студентот по медицина.
Добриот глас за еден доктор, според него не доаѓа лесно. Потребно е долгогодишно посветено работење со задоволни и здрави пациенти. А, за таква состојба пак потребно е постојано надоградување и професионален развој кој значи по завршувањето на факултетот да следи специјализација и прибирање на искуство.Младите лекари специјализанти се соочуваат со уште еден проблем- финансии и време.
“Со самото завршување на Медицинскиот факултет ние се стекнуваме со титула Доктор на медицна, односно со положен Државен испит добиваме право да работиме во општа пракса како општи лекари. Потребно е долгогодишно посветено работење со задоволни и здрави пациенти кои својот спас да речеме го пронашле во нашите совети и третмани. Како опција во понатамошниот развој ги имаме додипломските студии, специјализациите кои се поделени на државни и со кофинансирање, од кои специјализантите со кофинансирање се доста актуелни периодов поради тоа што се обезправени поточно ја работат истата работа како и државните специјализанти и останати доктори специјалисти , а не добиваат паричен надоместок. Токму поради неплатениот труд мислам дека повеќето дипломирани доктори се надевааат на државни специјализации или го наоѓаат своето место во некоја амбуланта за општа пракса”-објаснува Климкаров.
Тој вели дека искуството на еден студент по медицина од Македонија кој бил на истражувачка или професионална размена во поразвиените земји говори дека заостануваме неколку децении во поглед на опременоста, функционалноста, дисциплината. Таму можностите за доедукација и понатамошен развој се огромни, во сферата на истражувачка медицина, специјализации и субспецијализации. Според него еден од сегментите во кои се разликуваме од западните земји е грижата за своите кадри, каде секој според афинитетите добива простор да допринесе за здраво и функционално општество.
“Медицинскиот Факултет е склоп на одлична теоретска подготвеност и практична примена на истото, но овде се појавува феномен кој трае со години така што ние буквално се „труеме“ со теорија, а во пракса гледаме минимален дел од тоа. Студирањето на Медицински Факултет е поделено на предклинички и клинички дел. Во првиот литературата со која се служиме е соодветна и напишана поголемиот дел од наши професори и одлично можеме да се снајдеме, што не е во случај со кличкиот дел каде голем дел од предметите ги спремаме од српско-хрватски книги со застарени информации, кои се сомневам дека се сеуште соодветни во овој период каде медицината е светлосни години напредната. Со преводот на стручната литература од пред неколку години со која се служат најдобрите100 универзитети , ни се олесни пристапот до литература која одговара на ова време , преведена на македонски и доаѓаме на исто рамниште со студентите од западните земји.. Среќа ги имаме и Македонската Медицинска Асоцијација и Erasmus+ па можеме да фатиме чекор бар на 1 или 2 месеци пракса со западните земји”-додава студентот Климкаров.
Лекарите често се мета на критика, па дури и вербални и физички напади. Дел од пациентите ги гледаат како богови бидејќи во нивни раце е нивната судбина.Други пак очекуваат брза реакции и здравје. Желбата да им се помогне на немоќните е причина повеќе во списокот на потткнувачи да се определи за оваа професија.
“Работата со народот не носи во различни ситуации и позиции, за некого ќе бидеш Бог,за некого виновник во ситуација без теоретски шанси за позитивен исход. Видете, за еден добар доктор потребно е емоциите да бидат настрана без разлика како се чувствува на работното место поради вербален напад или напад во друга крајност или поради приватни причини, емпатијата и коректноста треба да бидат присутни поради кои и пациентите би биле комфорни во присуството на таков доктор,.Додека, во изминатиов период често можеме да забележиме дека докторите многу лесно се ставаат на тапет како виновници без да се сочека професионален извештај или извештај на комисија за некаков случаj. Tој тип на критики е неблагодарен за докторите кои си ја вршат својата работа професионално, како и во секоја работа има исклучоци но, за такви случаеви има и дисциплински мерки и пациентите пред јавно да напаѓаат, можат институциски да делуваат и го решат тој проблем”- потенцира Климкаров.
Последниве десетина години се случува масовен егзодус на млади кадри, а особено млади лекари и медицински персонал.Цели оддели на некои од клиниките беа затворени поради недостаток на персонал. Ваквите состојби вели го направија јавното здравство да биде често под лупа на јавноста и експертите.
“Платена специјализација во западна земја со 2500 евра плата во современи услови и апаратура, Вашиот дополнителен труд е платен и високо котирате во општеството како граѓанин наспроти ниски плати, руинирани оддели и болници и дефицит на опрема и лекови многу лесно ќе го воочиме нашиот избор. Недомаќинското водење политика и игнорирање на приоритетите во нашата држава не доведоа во ситуација каде во половични услови единствена установа која функционира во здравството е „Мајка Тереза’’ комплексот на клиники,. Останатите здравствени домови се соочуваат со времето и игнорирањето на властите, па така остануваат нефункционални со дотраена и вон употреба апаратура и затворени оддели поради недостаток на кадар”- потенцира студентот.
Милан Климкаров за кратко вели дека ќе ги заврши студиите кои ќе значат отворање на нова врата со нов предизвик, вработување и специјализација. Очекува надлежните кои го менаџираат секторот здравство во земјава да направат суштински промени и да внесат конкретни системски решенија. Како иден лекар вели дека очекува подобро услови за работа, знаење, конкурентност и професионалност кои се надева дека ќе ги стекне во некоја од клиниките. Во спротивно како што вели изборот се стеснува и станува неизбежен и едноставен-билет во еден правец.
