Сојузот на синдикати ќе протестира пред Врховен суд за Работничкиот дом
Сојузот на синдикати на Македонија денеска пред Врховниот суд во Скопје со протест ќе изрази незадоволство од одлуката што судот ја донесе за одземање на Работничкиот дом. Протестот ќе почне пред зградата на ССМ, а ќе заврши пред Врховниот суд.
Инаку Врховниот суд на 9 ноември лани донесе пресуда со која Работничкиот дом, една од најстарите административни згради во Скопје, му се одзема на ССМво центарот на Скопје.
- Работничкиот дом е симболот на работничкото движење на работниците и на граѓаните во Македонија. Така било 70 години. Работничкиот дом го преживеал земјотресот во 1963 година, ќе ја преживее и срамната одлука на Врховниот суд за негова конфискација, изјави вчера лидерот на ССМ,Слободан Трендафилов.
Според ССМ, Врховниот суд не ја почитувал одлуката на Уставниот суд донесена во 1992 година во која се кажува дека државата нема право да одзема имот на синдикатите.
Сојузот очекува нова пресуда бидејќи пред еден месец доставил предлог за повторување на постапката врз основа на новите докази до Основниот граѓански суд Скопје.
- На државата не и треба уште една зграда, и требаат работници и синдикати, рече Трендафилов на прес-конференцијата.
