СОЈУЗОТ НА БОРЦИ ОД ТЕТОВО НА НОЗЕ: Не прифаќаме да се преименуваат улици кои носат имиња на партизани или дејци на антифашизмот
Од Сојузот на борци во Тетово се вознемирени и велат дека не се согласуваат со промена на имињата на улиците на тој град.
Имено, на последната седница, Советот на Општина Тетово донел Предлог-одлука за формирање на Работна група за преименување на улици во општина Тетово, а кои веќе имаат определено име и именување на улици на кои името им е определено со работен број.
Но, оваа предлог одлука создаде да бидат вознемирени во Сојузот на борците од НОБ, како и кај некои граѓани кои се нивни поддржувачи, бидејќи, како што велат, стравуваат дека во новото преименување на улиците ќе се најдат и имиња на фашисти и балсити, како и на оние кои учествувале во конфликтот од 2001 година.
„Имајќи го предвид минатото поведение на локалната власт и сензитивноста на материјата, цениме дека е потребно навремено, гласно и јасно да испратиме предупредување дека за Сојузот на борците на НОАВМ, како и за граѓаните на Тетово, воопшто не е прифатливо менување на ниту едно име на улица кое носи име на партизан или деец на антифашистичката коалиција која го победи фашизмот. Исто така е целосно неприфатливо и спротивно на Уставот да се размислува за именување улици и јавни површини со имиња на фашисти и балисти, бидејќи светската историографија јасно ја утврдила нивната улога во минатото“, се вели во соопштението од Сојузот на борците.
Како што тогаш пишуваа медиумите, пред повеќе години локалната власт на Тетово направи промена на имињата на повеќе улици кои тогаш добија имиња на повеќе албански дејци од поблиската историја од кои дел не беа директно поврзани со Македонија. Па така плоштадот и главниот булевар, кои го носеа името „Маршал Тито“, беа заменети во плоштад и булевар „Илирија“, улицата ЈНА го доби името „Дервиш Цара“, улицата „29 ноември“ се применува во „Мехмед Паша Дерала“, и ред други имиња. Имињата на овие улици беа сменети со образложение дека потекнувале од времето на комунизмот.
