Софија се оградува од скандалот со дипломатската нота за семејството на Мицкоски
Бугарското Министерство за надворешни работи реагираше во врска со објавите за дипломатската нота поврзана со патувањето на семејството на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека станува збор за информации за „настани од далечно минато“ и дека не е дистрибуиран официјален документ поврзан со неговото семејство.
Од Софија тврдат дека Министерството „не дистрибуирало дипломатска нота или друга официјална кореспонденција“ поврзана со посетата на членови од семејството на висок функционер од друга држава.
Во соопштението се наведува дека информациите што се појавиле во јавноста се однесуваат на вербална нота од 6 јануари 2026 година и дека тие не можат да се сметаат за основа за заклучоци за безбедносни закани.
„Министерството за надворешни работи придава големо значење на заштитата на дипломатската кореспонденција и строго ги почитува процедурите“, се наведува во реакцијата.
Скандалот се отвори откако бугарскиот амбасадор во Скопје беше повикан во македонското МНР, кое побара објаснување како информации поврзани со патувањето на семејството на премиерот се појавиле во јавноста.
Премиерот Мицкоски претходно изјави дека за случајот го информирал и НАТО, оценувајќи дека со објавувањето на документот се загрозува безбедноста на неговото семејство.
Според информациите, станува збор за допис од македонската амбасада во Софија до бугарското МНР, во кој се наведуваат детали за патувањето на семејството, нивното обезбедување, возила, комуникациска опрема и вооружување на членовите на обезбедувањето.
