Економија, финансии, бизнис

Контакт

Софи Пеева, квилинг уметник: Од хоби до креативна идеја

Софи Пеева, квилинг уметник: Од хоби до креативна идеја

Квилинг е техника на изработка на слики од хартиени ленти или уметност на виткање на хартија во боја  која постои веќе стотици години. Во времето на ренесансата монасите и монахињите сакале да ја  искористат позлатената хартија која се користела во процесот на обележување. На тој начин создавале украсни предмети со кои ги декорирале верските објекти, како алтернатива за скапото злато за филигран. Во 18 и 19 век оваа техника станала занимација на жените во Англија кои ги декорирале своите чајници  и делови од мебелот,  а подоцна се проширило и во остатокот од светот. Правеле накит,  ѕидни декорации и 3Д фигури.


Софи Пеева неколку години ја истражува квилинг техниката или позната како филигран од хартија. Вели едно несекојдневно хоби денеска станува нејзина преокупација. Младата професорка по одделенска настава која за жал никогаш не се вработила во образование, секојдневието си го исполнува на креативен и интересен начин, со изработки во квилинг техника.


“Оваа техника е многу интересна, не е комплицирана,  но е  прецизна и бара многу време и внимание. Секој предмет, па и најмал детал се прави по неколку часа бидејќи мора да се направат разни форми, со виткање и формирање на ленти во разни облици и големини,па потоа  се подготвува секој замислен предмет. Потоа секое парче се прикачува на игли, а потоа се лепи на хартијата. Се што е потребно е хартија во разни  боја, ножици, скалпел и игли за да се намотаат  лентите и лепак за хартијата. Постојат шаблони по кои може да се прават одредени облици по желба. Но сакам често да и се препуштам на својата креативност и фантазија па често може   да се добијат различни облици”- објаснува Софи.


Поради службена обврска на сопругот, Софи неколку години имала можност да престојува во Турција. Бидејќи биле сместени во посебна воена база, имала можност и време да посетува разни курсеви. Поради спецификите на квилингот, разиграноста и можноста да се експериментира, лесно се одлучила да ја осознава оваат техника. Таму ги научила тајните на оваа техника но и техниката ебру-сликање на вода. Сепак поради многу скапите материјали, како што вели  се одлучила да работи само  во квилинг техника. Секој ден открива по некоја нова специфика, а секое ново дело е ново усовршување. Во Истанбул имала можност да купува  квалитетни материјали кои се користат за оваа техника и креативните ракотворби да ги споделува со пријателите.


“За да го исполнувам слободното време почнав да го посетувам курсот за изработка во квилинг техника, потоа ми стана толку интересно и почнав да израборувам разни предмети. Најмногу уживам да направам слики кои секоја на свој оригинален начин остава белег и го задржува вниманието. Оваа техника иако наизглед е едноставна, има специфики кои можат да ги работат само луѓе со многу нерви и внимание. За среќа јас уживам во детализирање, па секое дело го работам со грижлива прецизност. Потребно ми е понекогаш и со денови да се задржам на најситните детали,но тоа не ми претставува тешкотија. Многу мои дела ги подарив на пријатели кои ги запознавме во Турција и кои беа воодушевени од нив” -додава Софи.


Нејзините дела ги освојуваат срцата на најмладите. Вели сликите за нив ги изработува со посебна љубов и внимание. Најчесто момчињата  имаат спортски желби од фудбалски клубови или познати спортисти, а пак девојчињата бараат да им се изработи некоја од принцезите или ликовите од бајките на дизни.

“Најчесто за родендени овие слики се вистински погодок. Имам направено многу вакви слики, за момчињата најчесто со омилениот фудбалски клуб или фудбалер, девојчињата пак сакаат повеќе бои, шаренило. Се во зависност од вкусот. Материјали набавувам специјално за оваа техника, за секое дело да го добие посакуваниот ефект” –објаснува Софи.


Рачните изработки како што вели се голем зафат кој не е валоризиран и е поскап во однос на индустриското  производство. Но овие предмети имаат многу поголемо значење бидејќи се работат со многу љубов и се единствени и оригинални.


Иако делува како новитет,  оваа техника е стара со векови. Квилинг лентите биле користени како имитација на елементите и декорациите од ковано железо. Во некои места биле користени и кожни ленти и други материјали. Но хартијата станува основно средство и како акцент се става играта со цветовите, уникатниот дизајн и ефектната изработка. Техниката е погодна за изработка на разни предмети, од разгледници, честитки, накит до преубави филигрански слики и уксраси во рамки. Со малку повеќе  фантазија  и желба оваа техника станува уникатно задоволство. 

Слично

Поврзани вести