СОЦИОЛОГОТ АЦЕСКИ-СÉ ПОГОЛЕМ Е ИНТЕРЕСОТ ЗА СТРАНСКИТЕ ФАКУЛТЕТИ: „Новите генерации го немаат чувството на патриотизам, лесно купуваат карта во еден правец“
Уште на почетокот
на јули, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје го објави Конкурсот за
запишување студенти на прв циклус студии на студиските програми во новата
академска година и на нашата најголема и воедно најстара високообразовна
институција има точно 10.473 слободни места за нови студенти.
Но, како се ближи рокот за пријавување на кандидатите, најверојатно и оваа година ќе останат недокрај пополнети местата на повеќето од факултетите. Од година во година бројот на новозапишани студенти е се помал, а тоа го покажуваат и статистичките податоци. Ланската академска година, според Државниот завод за статистика на прва година на студии, е запишале 15 097 студенти, но тука се опфатени и студентите што запишуваат прва година по втор, трет и повеќепати.
Во изјава за Фактор, дел од средношколците кои веќе матурираа и кои се на прагот на почнување нов образовен пат велат дека нивната иднина е надвор од Македонија.
-Мене ме интересираат компјутерски науки, но она што го гледаме изминативе години на ФИНКИ е вистинска „тепачка“ за упис на тој факултет. Јас не сум ученик со просек 5.00, но во текот на целокупното четиригодишно образование максимално се посветив токму на оваа област. Досега сум бил на повеќе еразмус програми, на разни натпревари и во Македонија и надвор, на средношколски дообуки за млади информатичари и имам навистина богато CV кое веќе ми овозможи упис на еден од најпрестижните факултети во светот, а тоа е Гронинген во Холандија. Би бил неискрен ако кажам дека не размислував за ФИНКИ, се распрашував какви се условите за упис, сите кажуваат дека првенствено се гледа успехот од средното училиште, а верувајте и „птиците на гранките“ веќе знаат како се добиваат петките во школо. Лично сметам дека многу треба да се работи на критериумите за упис барем на оние факултети за кои интересот е најголем. Жално е кога влијае оценката по физичко, или еве кај мене конкретно по биологија и по географија, а моите афинитети се хардвер, софтвер, компјутерски јазици и се што е поврзано со информатичката област. Затоа решив воопшто и да не аплицирам на ФИНКИ. Ќе студирам во Холандија, а потоа ќе видиме. Мојот живот и мојот професионален пат го гледам дефинитивно надвор од Македонија, вели 18-годишниот Марко.
-Знаете како, ние сме секојдневно „бомбардирани“ од социјалната несигурност во земјава, „бомбардрирани“ од политизација на се што е возможно во општеството. Не мора да слушаме вести, доволно е тоа што го гледаме околу нас. Дишеме загаден воздух, газиме по дупки, ликовите на соседите, на луѓето на улица се несреќни, сите се подготвени за карање веднаш, без никаква причина. Родителите гледаат да го земат поевтиното во маркетите. Секој месец се прават пресметки за основните потреби, па ако остане ќе се оди на некој одмор, заслужен. Моите родители( и двајцата интелектуалци) собраа пари за мене и за сестра ми, но тие се сега во втор план. Летото изминува, а тие се уште не биле никаде. Целата заштеда е за мое квалитетно образование. Аплицирав на неколку факултетит и од сите имам позитивен одговор, но мојот прв избор е Ахен, Германија. Ќе студирам електотехника. Лично ценам дека Македонија не е здрава средина за ниту еден кој не бара ништо повеќе отколку поквалитетен живот, вели Ана.
Според социологот Илија Ацески станува збор за една алармантна ситуација на која влијаат повеќе фактори од социолошки аспект. Професорот вели дека „децата на глобализацијата“ многу свесно ги прават разликите, заради што одлучуваат кариера да градат во земји каде што квалитетот доаѓа до израз и многу лесно се одлучуваат да купат билет во еден правец.

-Иако станува збор за навистина млади луѓе тие се многу свесни каде битисуваат. Кај нив веќе е создадена сликата дека во Македонија нема квалитетно образование, нема квалитетно здравство, едноставно нема квалитетен живот. Се формира една колективна свест која е неповолна. Во некои од спроведените анкети токму на оваа тема, има и вакви одговори: „Јас нема да студирам во Македонија бидејќи сакам да градам квалитетна кариера“. Ваквите одговори на младите луѓе укажуваат на падот на квалитетното образование во земјава. Освен што се намалува бројот на „бруцоши“, се помал е бројот и на студентите кои запишуваат втор циклус на студирање, односно се запишуваат на постдипломски студии. Откако за три години ќе завршат тука, тие заминуваат надвор од Македонија. Свесноста за помалку квалитетно образование е само еден од факторите. Другиот е тоа што на денешните генерации светот им е даден на дланка. Тоа го направи глобализацијата и технологијата. Физички се присутни тука, но живеат на друго место, имаат сосема друга перцепција, сосема поинаква ментална структура. Младите не сакаат да трпат угнетувања од страна на претпоставени, од страна на сопственици на компании и пресуден момент е што не сакаат да работат за ниски плати кога знаат дека можат многу повеќе да заработуваат и да бидат ценети и се да им биде сгласно трудовите закони, одмори, платени празнични денови, и.т.н. Кај овие нови генерации кои се свесни за распаднат вредносен систем не преовладува чувството на патриотизмот. Тие повеќе не се надеваат дека ќе живеат убаво под закрила на нивната татковина бидејќи општеството не ги задоволува нивните афинитети, новните барања, нивните очекувања. Таквото нивно чувство ги доведува до моментот да купат карта во еден правец. Ова се неколкуте фактори кои доведуваат на високообразовните институции да имаме се помал број новозапишани студенти, а секако изминатите процеси во земјава се тие кои доведоа да се случува ова што ни се случува, појаснува проф. д-р Илија Ацески.
Инаку, Првиот рок
за пријавување кандидати што се рангираат само според успехот од средното
образование е на 30 и 31 август, вториот на 18 и 19 септември, а третиот на 28
септември. По објавувањата на прелиминарните и конечните листи, запишувањата на
кандидатите ќе бидат на 12 и 13 септември, на 26 септември и на 30 септември,
соодветно според рокот на пријавување.
Најмногу студенти и годинава ќе прими Факултетот за информатички науки и
компјутерско инженерство, ФИНКИ - вкупно 1.150, по што следуваат Правен со
1.055, Природно-математичкиот факултет со 1.050 итн.
Анита Буховски
