Собраниски надзор во АНБ, што точно напишале за евентуалното бегство на Камчев
Собраниската Комисија за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, на чие чело е пратеникот Љупчо Пренџов, од утре ќе влезе во АНБ да изврши увид и да утврди дали постоело пречекорување на законските ограничувања и овластувања при постапувањето на оваа институција во постапка со архиврски број СД бр. 02-545/1. Станува збор за Информација на АНБ, врз основа на која на бизнисменот Јордан Камчев, осомничен во случајот „Плацеви на Водно“, му е изречена мерката притвор. Информацијата на АНБ носи датум од 14 март 2021 година, а тоа е истиот ден кога Камчев беше приведен и притворен.
Плусинфо објавува дека во предлогот за притвор за осомничениот, што го доставила обвинителката Лиле Стефанова до судот, било наведено дека Камчев бил следен од 12 до 14 февруари годинава од страна на АНБ, од која била добиена информација дека би можел да ја напушти земјата. Кон предлогот за определување притвор, како единствен доказ, била приложена Информацијата на АНБ за наводните подготовки на Камчев за бегство, која на одбраната не ѝ била доставена на увид. Таа Информација на АНБ е „крунскиот доказ“ со кој и судијата ја поткрепил одлуката на бизнисменот да му изрече мерка притвор во траење од 30 дена.
Во тој документ на АНБ наводно стои дека имало средба на Камчев со лице од Бугарија заради подготовка на бегство. Оваа информација сепак завчера во интервју за Канал 5 ја демантираше премиерот Зоран Заев. Тврдеше дека документот од АНБ е доверлив но дека го видел неколку часа по апсењето на Камчев и читајќи го, се убедил дека во него има „индиции и докази“.
– Не бил следен, не се работи за следење. И тоа агенти, Бугарија… Не е точно, нема таква работа. Има причини дома. Не смееме да зборуваме. Има неколку причини поради кои кај нив се пробудил инстинктот да напишат и да пријават – изјави на Заев, објаснувајќи што видел во доверливиот документ на АНБ.
Сепак како што објавува Плусинфо судијата во претходна постапка Васил Динковски напишал во решението за притвор на 14 март меѓу другото и „… Информацијата на АНБ на РСМ СД бр. 02-545/1 од која се гледа дека осомничениот остварил средба со лице од Р Бугарија, а во врска со реализацијата на намерата за бегство во Р Бугарија“?
Еве го тој дел од Решението за притвор:

Извор Плусинфо
