СОБРАНИЕТО ЗАГЛАВИ: Жестоки расправии, губење време и партиски натпревари-граѓаните трпат
Собранието денеска ја одржува 11 конститутивна седница на која треба да се избере петседател, негов заменик, членови и заменици на Комисијата за прашањата околу изборите и именувањата.
Веќе четири месеци како работата на Собранието е блокирана, а решение нема ни на повидок. Пратениците кои имаат 51 мандат во Парламентот одбиваат да го прифатат барањето на СДСМ која има 49 мандати да се скокнат точките и да се премине на главните прашања, односно да избере претседател на комисијата и потоа да се избере и собраниски претседател.
Меѓутоа, веќе 10 дена сме сведоци на жестоки обвинувања меѓу партиите од мнозинството и партијата на ВМРО ДПМНЕ.
ВМРО ДПМНЕ упорно го одолговлекува важното прашање и се сконцентрирани на препукувања околу платформата на партиите од албанскиот блок.
Вчера главна расправа имаше околу Деловникот.
„Се додека не слушнам еден аргумент кој што ќе го побие ставот, или не слушнам да се прочита друга одредба која ќе укаже дека не сум во право со ова барање, се до тогаш ќе барам Трајко Вељановски да го стави предлогот на гласање“, изјави Оливер Спасовски од СДСМ.
На ова реагираше Владимир Ѓорчев кој обвини дека СДСМ не го чита до крај Деловникот и не може да се премине на следна точка се додека не се исцрпи расправата.
„Тие добро знаат дека не е така, дека целосно не им држи објаснувањето. Зошто ако еднаш се спроведе ова, тогаш не знам каде ќе завршиме“, изјави Владимир Ѓорчев – ВМРО ДПМНЕ.
Реакција и од Алијансата на Албанците.
Оттаму ја обвинија ВМРО ДПМНЕ за манипулација со јавноста.
Согласно договорот, во комисијата ВМРО ДПМНЕ ќе биде застапен со 6 членови, СДСМ ќе има 5, а ДУИ и БЕСА по еден член.
За членови на ВМРО ДПМНЕ се предложени Илија Димоски, Антонијо Милошоски, Крсто Мукоски, Даниела Рангелова, Димитар Стефанаџија и Благоца Ласовска. Од СДСМ Горан Мисовски, Дамјан Манчевски, Петре Шилегов, Мухамед Зекири и Ивана Туфеџиќ. ДУИ го предложи Џевдат Адеми а БЕСА Зекири Ибрахим.
